Во нова серија воздушни напади, Израел ги гаѓаше јужните предградија на Бејрут, а либанските медиуми пренесуваат дека вчерашните напади врз упоришта на Хезболах биле најголемите досега во војната.
Либанскиот премиер Наџиб Микати го повика светот да изврши притисок врз Израел за посериозно да прифати преговори за прекин на огнот. Дописникот на „Би-Би-Си“ ги опиша нападите од синоќа како најлоша ноќ во Бејрут од почетокот на засилените судири меѓу израелската армија и проирански Хезболах.
Во денешните израелски напади се погодени неколку квартови во јужните предградија на Бејрут и патот што води до меѓународниот аеродром. Израелската војска соопшти дека го убила командантот на Хезболах, Кадер али Тавил, но Хезболах сè уште нема коментар.
Во меѓувреме во Газа, неколку луѓе беа убиени во израелски напад врз џамија и училиште во Деир ал-Балах, соопшти агенцијата за цивилна одбрана на Хамас, додека Израел тврди дека цел биле борци на Хамас.