Новата учебна година не започна за Никола Мијалков, бидејќи годинава навреме не му е обезбеден образовен асистент. Неговиот татко Зоран Мијалков вели дека неговиот син во изминатите три години имал образовен асистент, кој му помагал во совладување на наставната програма во училиштето. Но, денеска истиот асистент не го пречекал во училиштето, бидејќи немал нов договор за работа.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска на родителите кои имаат деца со посебни потреби, а кои имаат образовни асистенти во училиштата им порача дека нема потреба од паника. Осумстотини и петнаесет образовни асистенти денеска ќе потпишат договор и можат да почнат со работа. Дополнително, со ребаланс на Буџетот, се обезбедени средства за уште 200 за кои кои претходно не биле предвидени пари.
„Денеска се објавуваат конкурсите. Конкурсот ќе трае пет дена, потоа следуваат уште две недели обука и тие по тој период можат да влезат во училиштата. Но, јас деновиве постојано повторувам родителите да не се вознемируваат, училиштата се обврзани да имаат инклузивни тимови“, изјави министерката Јаневска.
Штипјанецот Мијалков вели дека поради тоа што за 200 образовни асистенти навреме не е распишан конкурсот, родителите кои одат на работа ќе мора да се снаоѓаат во наредните 15 дена, затоа што ќе нема кој да се грижи за нивните деца, а пак министерката на училиштата им порача да ги прифаќаат деца, бидејќи мора да имаат инклузивни тимови.
Викторија Јованова