Судот во Ваљево им одреди 30 дневен притвор на три лица, инженери во фабриката за оружје Крушик, осомничени дека шпионирале во корист на компанија од Македонија. Според српското обвинителство, станува збор за компанијата АТС Груп на Шефкет Демировски, кому ова не му е прв пат да биде вмешан во случај со кражба на индустриска шпионажа од српски фабрики за оружје.
Тројцата инженери беа уапсени во понеделник, а при претресите на нивните домови биле откриени доверливи документи украдени од Крушик за минофрлачка и артилериска муниција. Кај нив биле откриени и договори за соработка со фирмата на Демировски, десетици илјади евра и други девизи, десетици платежни картички, лаптоп компјутери, повеќе мобилни телефони и флеш дискови, што според истрагата на обвинителството претставуваат докази за шпионажата во корист на АТС Груп.
Во српските медиуми преовладува наративот дека станува збор за шпионажа во корист на НАТО, и дека АТС Груп и Демировски се само посредници. Во оваа насока беше и вчерашната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој рече дека безбедносните служби подолго време ги следат овие активности.
Врската со НАТО српските медиуми ја препознаваат во членовите на бордот на АТС Груп, односно тројца пензионирани американски и британски генерали и еден пратеник во британскиот парламент, кои сите се дел од Советодавниот одбор на АТС Груп.
Директорот на Советодавниот одбор е Џемјс Џонс, поранешен американски генерал со четири ѕвездички. Пред да биде советник за национална безбедност на поранешниот американски претседател Барак Обама од 2009 до 2010 година, Џонс од 2003 до 2006 беше командант на здружената команда на НАТО во Европа.
Заменик директор на Советодавниот одбор е британскиот пратеник од редовите на Ториевците, Марк Причард. Меѓу останатите членови се и поранешниот американски генерал Мишел Барберо и британскиот генерал Ричард Баронс.
Ова не е прв пат Шефкет Демировски да биде вмешан во афера со кражба на интелектуална сопственост од српски фабрики за оружје. Демировски беше уапсен во 2019 година во Белград, заедно со уште двајца инженери од фабриката „Прв партизан“ додека му предавале доверливи документи за изработката на оружја и муниција. По месец дена поминати во притвор, Демировски беше ослободен откако плати 200.000 евра кауција. Две години подоцна судот ја отфрли кривичната пријава против него откако Демировски плати 240.000 евра на име штета, пред да биде направено вештачењето за автентичноста на доверливите документи.