Убаво ќе беше да се намалеше онаму каде што не е направена оптимизација. За јавните претпријатија се направи оптимизација во 2021 година на бројот на членови на Управни и Надзорни одбори, за жал не се смени додадениот заменик директор. Можеше сега и тоа да се случи, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Сосиетас Цивилис“ во вечерашната дебата во „Топ тема“ на Телма ТВ по носењето на законот за организација на работата на органите на државната управа.
„И онаму каде што не се направија измени во законите каде што се утврдуваат Управни и Надзорни одбори, да се прилагодат на големината, на функција. Затоа што генералистички гледано, не мора да значи дека секаде, во секоја ситуација, Управен или Надзорен одбор е нешто што е лошо во раководењето со институциите. Меѓутоа, за жал, досега Управните и Надзорните одбори беа места каде што се ухлебуваа партиски кадри и се надевам дека овојпат ќе се овозможи вистинско, барем за јавните претпријатија и за дел од јавните установи, дека ќе се избираат онака како што е предвидено со законските и подзаконските акти. Односно, еден отворен систем, а нема да бидат предмет на партиски договор“, истакна Поповиќ.