Преписките и меѓусебните обвинувања на релација власт-опозиција се преселија од партиските, на собраниската говорница. Корупцискиот скандал со проневери преку ИПАРД се најде во фокусот на опозициските пратенички прашања.
„Вонредна е состојбата во земјоделството“, е оценка на СДСМ. Уште еднаш гласно побараа оставка и политичка одговорност од министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, кој денеска не присуствуваше на седницата, а на негово место беше присутен заменикот.
„Оставката е најмалку што треба да ја понудите. Не заради нас. Не заради политички поени. Таа е заради блокирањето на овие 130 милиони евра, заради тие 3.000 бизниси во руралните средини, што нема да се отворат. За тие 10.000 работни места што нема да постојат, што е цел на оваа програма на ЕУ. Од први во регионот, нè донесовте до последни. Ова не е штета само за земјоделците. Ова е штета за европската перспектива на земјата. Затоа што кога ќе ви сопрат ИПАРД заради корупција, утре ќе ви сопрат и други програми“, вели Љупчо Николовски, пратеник од СДСМ и поранешен министер за земјоделство.
Заменикот министер за земјоделство со одговор до Николовски. Без детали затоа што во тек е истрагата за случајот, Албрим Хоџа, уште еднаш го повтори владиниот став дека Европа ја поздравила брзата реакција на институциите.
„Од 453 договори потпишани и поврзани со ИПАРД 2021/2027, само за 50 има заостанување со цел да се верификува дали се поврзани со некое кривично дело како што се зборува во медиумите. Ќе оставиме самите институции и органи да кажат подетално“, одговори Албрим Хоџа, заменик министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Инаку, стопирањето на исплатата од ИПАРД следува по големиот корупциски скандал во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, откако директорот Илија Стоилев и неколкумина службеници се притворени за поткуп од околу 50.000 евра.
Петар Догов
Б.С.
