Новите правила за пратките од „Тему“ и „АлиеЕксрес“ ќе важат осум дена по објавувањето во „Службен весник“, што значи дека веќе од следната недела нарачките од „Тему“, „АлиЕкспрес“ и други меѓународни онлајн продавници ќе подлежат на 18% ДДВ доколку ја надминуваат вредноста од 22 евра.
Во изгласаните измени ДДВ ќе продолжи да не се наплаќа само за мали пратки од некомерцијален карактер – од физичко лице до физичко лице – чија вредност не надминува 22 евра. Исклучок од ова ослободување се производите како алкохол, парфеми, тоалетни води и тутунски преработки.
Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, посочи дека со ова ќе се воспостави правна рамка да се спречат злоупотреби и да се создадат пофер услови за домашните мали бизниси, кои досега биле во нерамноправна положба во однос на странските онлајн продавачи.
Во Собранието за овие законските измени гласаа 59 пратеници, додека 12 беа против. Со новиот даночен режим ќе се зголемат трошоци за купувачите, но и ќе се даде поголема заштита на домашниот пазар.
Т.Д.
