Во Македонија најмногу се конзумира канабис, а најчеста причина е намалување на стресот според објавена анализата на Европското веб истражување за дроги. Истражувањето опфаќа полнолетни лица кои користеле психоактивни супстанции во последните 12 месеци. Во истражувањето се вклучени и нивните навики, мотиви и ризици поврзани со употребата на дроги.
Во анкетата учествувале 862 испитаници на возраст меѓу 25 и 44 години, од кои најголем дел се мажи. Повеќето од консуматорите имаат високо образование и се вработени со полно работно време.
По канабисот како најчесто користената дрога во земјата се бензодиазепините кои се употребуваат без рецепт, CBD производите и кокаинот. Истражувањето дополнително утврдило зголемена појава на употреба на повеќе супстанции во исто време – тренд кој носи значителни здравствени ризици и комплексност во третманот и интервенцијата.
Корисниците на канабис најчесто ја наведуваат потребата за ослободување од стрес и релаксација како главна причина за употреба, но дел од нив користат и за подобрување на спиењето или справување со анксиозност и депресија. Најголем дел од испитаниците изјавиле дека користат нелегален канабис, иако мал процент навел дека го набавуваат легално во странство или со лекарски рецепт за медицински цели. Зависно од намената, канабисот најчесто се користи во домашен амбиент, но не се исклучуваат јавни простори, клубови, па дури и работни места или училишта. Загрижувачки е фактот што повеќе од половина од испитаниците признале дека возеле автомобил во рок од неколку часа по консумацијата.
Употребата на кокаин, екстази и амфетамини е најчесто поврзана со ноќниот живот, фестивали и клубови. Социјализацијата, желбата за еуфорија и подобрување на сексуалното искуство се меѓу главните мотиви за консумација. Исто така, кокаинот често се користи во комбинација со алкохол и други супстанции, што уште повеќе ги зголемува ризиците.
Иако дел од испитаниците пријавиле употреба на нови психоактивни супстанции (НПС), нивната застапеност сè уште е релативно ниска, но сепак присутна. Мотивите за користење на НПС вклучуваат љубопитност, желба за подобрување на менталните перформанси или справување со стрес.
Еден од најзагрижувачките наоди е нискиот процент на лица кои побарале третман или помош и покрај тоа што имале редовна или ризична употреба. Најчестите причини за непријавување се стравот од правни последици, стигмата и недовербата во системот за заштита на личните податоци.