Дваесет и едногодишниот Васил Јованов призна вина на првото судско рочиште во скопскиот Кривичен суд на кое му се судеше за смртта на младата Фросина Кулакова која ја прегази на пешачки премин на 29 јануари, возејќи пијан и без возачка дозвола, минувајќи на црвено светло на семафор.
„Почитуван суде, сакам да изразам најдлабоко сочувство до семејството и да им се извинам. Тоа што сум го сторил не сум можел да замислам дека ќе се случи“, кажа Јованов на првото рочиште.
Мајката и таткото на Фросина низ емотивен говор како оштетени побараа највисока затворска казна, бидејќи сметаат дека Јованов покажал со однесувањето во сообраќајот дека делото е сторено со умисла.
Обвинителот од ОЈО Скопје, Александар Марковски во воведниот збор рече дека ова не е само несреќа во која еден маж прегазил жена. Според него, сообраќајката е последица на низа сообраќајни пропусти и затоа возачот се гони за најтешката квалификација на кривичното дело.
„За нецела минута пред критичниот настан, обвинетиот сторил и други пропусти од сообраќајна природа како што е возење цик-цак, поминување на две полни ленти. Тоа се докази за умислата за кривичното дело за кое се товари“, рече обвинителот.
Бранителот на обвинетиот, адвокатот Сашо Дуковски кажа дека Васил Јованов бил опишуван во јавноста со неточни и злонамерни квалификации за употреба на дрога, иако бил спортист со освоени медали и признанија во боксот.
Повеќе во Вестите на Телма во 15:30, 18:30, 21:30.