Кратко, но силно невреме проследено со град уништи големи површини со земјоделски култури во Струмичко. Во шок се земјоделците кои сведочеле како градот поголем од јадри ореви им ги уништува посевите на отворено, но и најлонските фолии, а ги зафатило и културите засадени под пластеници. Велат, вакво невреме со толкави последици не паметат.
Денеска полето е необично живо, земјоделците си ги проценуваат штетите, но и се обидуваат да ги заштитат културите под уништените пластеници. Се носат нови пластични фолии, заштитни мрежи, невремето им отвори дополнителна работа на градинарите.
Нестабилното време во регионот се очекува да продолжи следните денови, за што и струмичките пожарникари упатија апели до граѓаните, доколку има појава на електрични празнења, да избегнуваат престој на отворени места или осамени дрвја.
Сузана Мицева