Со голема воена парада Русија го одбележа Денот на Победата на Црвениот плоштад во Москва. Со над 10 илјади војници и 200 тенкови но и со говор на претседателот Владимир Путин, беше отворена церемонијата по повод 80-годишнината од триумфот над нацистичка Германија. Путин ги поздрави присутните, меѓу кои и делегации од 29 земји од светот, и им го честита денот на победата.
„Ви честитам за 80-годишнината од Победата во Големата патриотска војна.Денес, сите нè обединува чувство на радост и тага, гордост и благодарност, восхит кон генерацијата што го скрши нацизмот и по цена на милиони животи ја освои слободата и мирот за целото човештво. Верно го чуваме споменот на овие историски триумфални настани“ порача Владимир Путин, претседател на Русија.
80 годишнината од руската победата над Германија се случува во услови на воен конфликт со својот сосед Украина, што е најголема војна по 1945. Рускиот претседател не изостави да спомене за специјалната воена операција, а на храбрите руски војници кои се борат им даде поддршка на решителноста и храброста. Се заблагодари и на војниците од другите земји кои како што рече застанаа на руска страна.
„Целата наша земја, општество, народ ги поддржува учесниците во специјалната воена операција (во Украина). Горди сме на нивната храброст и решителност, на силата на духот, која секогаш ни носи само победа“ изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Најголема политичка фигура на денешниот настан се смета дека е кинескиот претседател Си Џипинг, особено поради врските кои во последно време тој ги изгради со рускиот претседател Путин во време на засилен трговски конфликт со САД. Присутни се и претседателот на Венецуела Николас Мадуро, претседателот на Бразил, на Србија Александар Вучиќ, на Република Српска Милорад Додик и словачкиот премиер Роберт Фицо.
Од другата страна, министрите за надворешни работи на Европската Унија се на дводневен состанок во Полска за да разговараат за прашања поврзани со Русија и Украина, Блискиот Исток и безбедноста на ЕУ.
„Денес се 80 години откако мојот дедо кралот Џорџ VI објави на нацијата и на Комонвелтот дека страшната сенка на војната замина од нашите срца и домови. Либерализација на Европа беше обезбедена“ изјави Чарлс III, монарх на Велика Британија.
Денеска воедно се одбележуваат и 75 години од Шумановата декларација, документот што ги постави темелите на Европската Унија. На 9 мај, симболично се чествува и визијата за мирна и обединета Европа, претставена од Роберт Шуман во 1950 година.
Tea Димковска