Бел чад над Сиктинската палата и биење на камбаните го означија избирањето на новиот папа. 69 годишниот Американец Роберт Превост е новиот водач на Римокатоличката црква.
„Мир со сите вас. Драги браќа и сестри, ова е првиот поздрав на воскреснатиот Христос, добриот пастир кој го даде својот живот за Божјото стадо. И јас би сакал овој поздрав на мирот да влезе во вашите срца за да стигне до вашите семејства до сите луѓе насекаде на целата земја: Mир со вас“ рече избраниот папата Лав XIV.
Избраниот папа Роберт Превост го зеде името Лав XIV. Роден во Чикаго, ја пишува историјата за прв папа со американско потекло. Докторант по канонско право на Папскиот колеџ „Свети Тома Аквински“ во Рим, заминал на мисија во Перу. Тој во 2023 година бил назначен од папата Франциск за кардинал со префект на Дикастеријата за епископи, влијателна позиција поврзана со избор на епископи ширум светот.
Пред да излезе папата Лав XIV на балконот на Базиликата „Свети Петар“, францускиот кардинал Доминик Мамберти, се појави на балконот и пред илјадници верници на плоштадот на латински го соопшти изборот на новиот папа.
„Ви споделувам голема радост. Имаме папа. Најистакнатиот и почитуван господар, лорд Роберт Франциск, кардинал на Светата Римска црква, Превост, кој го зема името Лав XIV“ соопшти кардинал Доминик Мамберти.
Стотици верници го исполнија плоштадот Свети Петар во градот Рим и со ракоплескања и извици го прославија изборот на новиот Папа.
„Ова е возбудлив момент, не го очекував на овој сончев ден. Чувствувам голема енергија на овој плоштад. Се надевам дека тој ќе биде голем наследник на папата Франциск“ изјави верник.
„За мене ова е првпат да го видам ова и навистина сум многу среќна. Се надевам дека тој ќе биде добар папа како папата Франциск“ изјави верник.
Пред почетокот на конклавата, новоизбраниот папа од кардиналите беше сметан за кандидат што може да ја исполни улогата да го наследи папата Франциск. Со оглед на брзата одлука од само четири круга на гласање се потврдува согласноста дека новиот Папа Лав XIV ќе биде мост меѓу различните светови.
Теа Димковска
(Видео)Бел чад од Сикстинската палата – Избран нов Папа на римокатоличката црква