Што значи да се биде мировник, Јулијана Трајковиќ, почувствувала веднаш по слетувањето на аеродромот во главниот град на Либерија, Монровија, на 8 октомври 2006. Мисијата на ОН не била известена за нејзиното пристигнување, а, таа, сама, првпат на африканско тло, во земја која живее тешки времиња по исцрпувачка граѓанска војна, сиромаштија, глад, болести и нарушени човеков права, морала да се снаоѓа за да дојде до базата.
Но, можеби тоа беше најлесниот предизвик со кој се соочи во двегодишниот престој во Либерија, вели првата жена полицаец регрутирана од Македонија во мировна мисија на ОН. Како тим лидер работеше на проектот за зголемување на бројот на жени во либериската полиција.
„Го почнавме проектот и дадовме огромна сила на сите либериски жени. Мораш да бидеш рол модел на либериската жена која била силувана од полицаец и да и кажеш дојди да бидеш ти полицаец. Сето тоа либериските жени го разбираа, тоа се фантастични жени кои те гледаат и те слушаат, очекуваат спас и работата да се спасат. Го зголемивме за повеќе од 10 проценти бројот на жени во полицијата. 123 жени завршија со комплетна едукација“, вели Јулијана Трајковиќ, учесник во мировна мисија на ОН во Либерија. Пред да стане мировник во Либерија, Трајковиќ, 22 години се качуваше по скалила на македонската полиција и напредуваше чекор по чекор. Таа е ѝ прва полицајка со чин капетан, мајор и потполковник. По Либерија, пред да се пензионира со 35 години работен стаж во полицијата, одработи уште една мисија.
„Се пензионирав како набљудувач од ОБСЕ во Украина од 2015 до 2022 година. Со евакуацијата завршува и мојот ангажман како набљудувач во мисијата во Украина и завршува и мојот ангажман во МВР, така што сега разговарате со пензионерката Јулијана Трајковиќ, вели Трајковиќ.
Советите од претпоставените на нејзините почетоци во полицијата, дека сама мора да го гради својот авторитет, првата македонска мировничка вели дека и биле водилка низ кариерата за да стои цврсто и храбро, рамо до рамо со колегите. И денес, Трајковиќ со голема љубов зборува за нејзините ангажмани во македонската полиција, затоа што вели, реализираните задачи, се највисок чин на патриотизам и достојна промоција на Македонија во светот.
Емилија Мисирлиевскa