Точно 23.482 вработени минатата година побарале од лекарите да ги испратат дома. Две третини од овие осигуреници имале некаков вид заболување. Државата за сите нив потрошила 22,6 милиони евра. Според годишниот извештај на Фондот за здравство лани за разлика од 2023-та бројот на побарани и одобрени боледувања се намалил за 10 отсто кои чинеле 19,6 отсто повеќе буџетски пари што значи дека за 2691 вработен кој во одреден период бил отсутен фондот исплатил 3,6 милиони евра.
„Во 2024 година дадени се вкупно 23.482 права за боледувања кои, според законските одредби, се на товар на Фондот и во однос на 2023 година се намалени за 10,3%. Гледано по категории се забележува пад кај сите видови на боледувања и тоа најголемо намалување има кај категоријата нега на член и тоа за 31,2%, професионалните заболувања и повредите на работа се намалени за 4,8%, додека кај категоријата боледувањата (поради заболувања) се забележува намалување 0,5%“, се наведува во извештајот на фондот за здравствено осигурување.
Без малку секој втор кој бил на боледување од различни здравствени причини е од скопскиот регион, а по просек води Источниот или на 1.000 вработени осигуренции дури 52-ца користеле отсуство поради некакви здравствени причини. Во Полошкиот регион стапката е најниска или само 20 осигуреници користеле боледување, но затоа 39 осигуренички на секои 1.000 заминале на породилно отуство. И покрај тоа што е намелен бројот, државата потрошила 6,9 милиони евра повеќе за платените отсуства на родилките.
„Во споредба со претходната 2023 година, вкупниот број на породилни отсуства бележи намалување за околу 2,5%. Притоа, нема значајна промена на бројот на осигуренички кои се вратиле на работното место порано од предвидените девет месеци породилно боледување, односно кои го искористиле правото покрај платата да добиваат половина од утврдениот надоместок за породилно отсуство. Најниска е во вардарскиот регион каде на секои 1.000 осигуренички доделени се 26 права на породилно отсуство“, се констатира во извештајот на ФЗОМ за 2024-та година.
Во случај на подолго траење на привремена спреченост за работа од 12 месеци, првостепената лекарска комисија на Фондот упатила до надлежната комисија 85 вработени помалку во споредба со 2023-та. По категории, бројот на вработените во 2024 година изнесува 557.000 осигуреници и во однос на 2023 година бележи намалување за 3.548 лица. Категоријата пензионери е зголемена за 3.812 лица и на крајот од 2024 година изнесува 353,5 илјади осигуреници.
Нина Стефанова