Обединетите нации размислуваат за голема реформа што би ги обединила главните одделенија и би ги прераспределила ресурсите низ светот, покажува интерен меморандум подготвен од високи функционери задолжени за реформите во Светскта организација.
Меморандумот доаѓа во време кога агенциите на ОН се справуваат со последиците од намалувањето на американската странска помош, што во голема мера ги ослабна хуманитарните агенции. Документот од шест страници, означен како „строго доверлив“, до кој увид добила агенцијата Ројтерс, содржи предлози за консолидација на десетици агенции на ОН во четири главни одделенија: мир и безбедност, хуманитарни прашања, одржлив развој и човекови права, пренесува Еконо Тајмс.
Според една од опциите, оперативните аспекти на Светската програма за храна, агенцијата на ОН за деца, Светската здравствена организација и агенцијата на ОН за бегалци би се обединиле во еден хуманитарен субјект, се наведува во документот. Меморандумот содржи низа предлози, од големи до мали и шпекулативни, кои, доколку сите се усвојата, би претставувале најопсежни реформи во последните децении.
Меѓу предлозите се спојување на агенцијата на ОН за СИДА со СЗО и намалување на потребата за до шест преведувачи на состаноците. Друг предлог сугерира спојување на Светската трговска организација, која не е тело на ОН, со агенциите на ОН за развој. Еден функционер запознаен со меморандумот го нарече почетна точка. Сепак, јазикот на интерната проценка укажува на она што и поддржувачите и критичарите на глобалното тело долго време го зборуваат: дека ОН треба да се поедностават. Меморандумот споменува „преклопување на мандатите“, „неефикасно користење на ресурсите“, „фрагментација и дуплирање“ и преголем број високи позиции.
Меморандумот го подготвила работна група назначена во март од генералниот секретар Антонио Гутереш, кој тогаш изјави дека организацијата треба да стане финансиски поефикасна. Работната група, која разгледува долгорочни структурни промени, е дополнителна иницијатива на краткорочните напори за намалување на трошоците. Некои дипломати ги опишаа овие напори како проактивен чекор за справување со поголемите намалувања на финансиските средства од САД.