Селективно, нестручно и непрофесионално постапување во случајот со кочанската трагедија, како и занемарување на функцијата, се дел од 10-те основи поради кои пратениците од Левица сметаат дека министерот за внатрешни работи треба да си замине од функцијата. Пет од нив се директно поврзани со несреќата и се однесуваат на немањето на контола врз дискотеката, фалсификуваната лиценца, нелегалната употреба на пиротехника, пуштањето на малолетници и консумирањето на алкохол и дрога. Министерот, пак, одговараше на сите обвинувања, велејќи дека не се плаши од одговорност и останува на функцијата за да се соочи со вистината и да ги разјасни сите дилеми.
СДСМ и ДУИ, кои ја поддржуваат интерпелацијата, и самите обвинија за отсуство на морална и институционална одговорност, по што нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ им одговорија дека тие најмалку имаат право да бараат нешто такво. Побараа и да почекаат да заврши истрагата која трае 90 дена, а сега е 44 ден.
Во попладневниот дел, од Левица побараа да им се дозволи на родителите на загинатите да влезат во Собрание и оттаму да ја следат седницата, што беше одбиено со образложение дека посетите мора да се најават претходно.
Далиборка Демјанска Цветановска