Русија направи значителни отстапки во мировните преговори за Украина со самото тоа што „не ја зазеде целата земја“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во пресрет на посетата на норвешкиот премиер Јонас Гар Стере на Вашингтон. Запрашан „што Русија нуди во мировните преговори“, Трамп со одговор.
„Запирање на војната, запирање на заземање на целата земја. Тоа е прилично голема отстапка“, рече Доналд Трамп, претседател на САД.
Трамп додаде дека САД вршат голем притисок врз Русија, без да навлегува во детали. Го повтори ставот дека Москва е подготвена за преговори за крај на војната и изрази надеж дека и Киев го посакува истото. Вели дека разговорите се влезени во завршна фаза иоти наредните денови ќе бидат клучни.
„Ние вршиме голем притисок врз Русија. И Русија го знае тоа. Вршиме голем притисок. Мислам дека (Путин) сака да се договори, ќе дознаеме наскоро. Но, за танго се потребни двајца. И Украина треба да сака да склучи договор. И тие се многу силно погодени и верувам дека сакаат да склучат договор“, додаде Трамп.
Во меѓувреме, специјалниот американски пратеник Стив Виткоф пристигна во четврта посета на Русија во последните два и пол месеца. За денеска е најавена нова негова средба со рускиот претседател Владимир Путин која се очекува да биде зад затворени врати и без присуство на медиуми, како и претходните три.
Во Киев, пак, денеска е прогласен ден на жалост по вчерашниот масовен руски воздушен напад во кој загинаа 12 луѓе. И додека траат преговорите за крај на војната, градоначалникот на украинската престолнина, Виталиј Кличко во изјава за „Би-Би-Си“ рече дека „неговата земја можеби ќе биде принудена на територијални остапки во замена за мир“. Таквото сценарио, според него, би било со привремен карактер, иако и како такво „ќе биде болно“.
Во тој контекст се огласи и британскиот премиер Кир Стармер кој порача дека Велика Британија никогаш нема да го признае Крим како дел од Руската Федерација. Според него, Москва мора да се согласи на безусловно примирје и процени дека може да се постигне договор за неколку месеци.
Сашко Димовски