Вести Македонија

Палевски во сопствена одбрана за денот на убиството на Вања тврди дека бил во банка и во партија

Палевски тврди дека утрото кога е убиена Вања спиел до 8:30 часот, потоа бил во банка, па имал состаноци во партијата.

Мотив да го направам ова кривично дело немам, нити сум имал. Ова го кажа Љупчо Палевски-Палчо, првообвинетиот за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, одговарајќи на прашања на неговиот адвокат на рочиштето на  продолжението од судскиот процес.

Во исказот пред судот, тој тврдеше дека на денот кога е убиена Вања (27 ноевмври 2023 година) бил во банка да плаќа сметки, а потоа отишол на пазар за да купи грејач за котел. Потоа, рече, се вратил во седиштето на политичката партија Десна, каде што имал состаноци со членови на партијата.

Палевски обвини за „лажни наслови и манупулации“ кои ѝ се презентираат на јавноста повеќе од една година. Повторно посочи на Основното јавно обвинителство Скопје, кое, како што рече, крие хард диск што бил одземен од него, а на кој поседувал 200 илјади нелегално снимени разговори. Тврдеше дека тој хард диск не е вештачен и дека не е приложен како доказен материјал.

Палевски наведе дека „случајот е полн со индиции кои се лажно и намерно направени“

На прашањето каде бил на 27-ми ноември 2023., на денот на грабнувањето и убиството на Вања, Палевски рече дека тој ден станал во 8:30 часот, што било невообичаено рано за него, го запалил котелот затоа што му било студено, по што дал налог на сопартијците да извадат секаква информација од интернет за набавка на ирански дронови.

Го прошетал кучето, читал вести, пиел кафе, и околу 10 часот тргнал накај „Халк банка“.

Палевски напомена дека Влатко Кешишев, кој е еден од обвинетите за двете злосторства, не бил тогаш во партијата и мислел дека е заминат за Штип што не било невообичаено.

Прашан, кога последен пат бил во зградата која ја има изградено, а од каде според обвинението на ОЈО Скопје е грабната Вања Ѓорчевска, Палевски рече таму не бил повеќе од 25 години.

„Од 1999. година кога го продадов станот во таа зграда, пред повеќе од 25 години, каде беше сместена мојата фирма која ја градеше и продаваше зградата не сум бил во објектот каде е грабнато оштетеното дете. Но, сум бил до објектот затоа што на два метра од зградата до самиот влез поседувам трафостаница од која се напојуваат само 11 станови во таа зграда и неколку локали, исто така, во тој објект“ рече Палевски.

Обвинетиот, претходно одговарајќи на прашањата на неговиот бранител, рече дека никогаш не го возел „ситроенот“ на Жежовски, особено што во истрагата никогаш не биле земени траги од куќата на Жежовски и месноста Дупки каде што беше пронајдено неговото тело.

Прашан дали бил во куќата на Панче, Палевски рече дека не бил во куќата, ниту во нејзина околина.

Според Палевски, на куќата на Панче Жежовски не е направена криминалистичко-техничка обработка, ниту пак е подигнат било каков траг освен предметните списи. Палевски, исто така, рече дека дека не знае каде се наоѓа местото на настанот Рудник.

Во врска со наводите што беа споменати на минатите рочишта од страна на дел од другите обвинети дека дека купувал алат, Палевски рече дека не се сеќава дека купувал алат како што посочиле Влатко Кешишов и Велибор Манев.

Прашан дали е точно дека го приморал Кешишов да ја смени изјавата, Палевски одговори негативно, додавајќи дека „неговите изјави се и онака различни затоа и неа беа прочитани од Обвинителството“.

„Во една тврди дека алатот е оставен на место на настанот Дупки, дека претходниот ден е копана дупката за Вања, за да во судот го промени својот исказ и каже дека не се сеќава дека е претходно копано и дека според него алатот е изваден од ‘реното кангу“, рече Палевски.

Наведе и дека Обвинителството утврдило дека тој пукал во Панче Жежовски без ниту еден доказ, а благодарение на исказот од Велибор Манев, кој исказ, како што посочи „во три распити е сосема различен еден од друг“.

„Никогаш не сум бил на местото на настанот викано Рудник и не сум пукал во Панче Жежовски, но, Панче Жежовски дефинитивно не е убиен на 22.11.2023 година затоа што е невозможно во таков краток временски период на камерите на хотел ‘Романтик’ возилата да бидат забележани во 10:30 часот, а првиот повик на Влатко Кешишев да му биде во 11:47 минути видно од телефонска анализа на ОЈО да се поминат 60 километри по споредни патишта, да се изнесе од кола, да се убие“, рече Палевски,

Првообвинетиот за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, исто така, негираше дека тој ги набавил моторолите.

„Точно е дека ме интересирало, но кога Велибор Манев ги набави во штабот, не размислував за мотороли, затоа што доколку ми требаа, ќе ги побарав од него“, рече тој.

Прашан дали набавувал WD40 и за која намена, Палевски рече дека не набавувал и дека смета дека судот утврди кој купувал, односно била покажана фискална сметка пронајдена кај Велибор Манев.

Тој претходно во денешниот исказ пред судот повторно ги оспори обвинувањата против него, тврдејќи дека доказите на обвинителството се нецелосни и манипулативни.

Неговиот бранител, адвокатот Јовица Страшевски, во изјава за медиумите рече дека постојат значителни разлики меѓу изведените докази и тврдењата на Обвинителството.

„Доказите што ги изведуваше ОЈО и нивните прашања поставени кон обвинетите покажуваат големи разлики во однос на изјавите и презентираните материјали“, рече адвокатот Страшевски, по рочиштето.

Палевски е последниот сведок кој треба да даде исказ пред судот, откако претходно, покрај сведоците на Обвинителството, беше сослушан таткото Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети. Обвинетиот Велибор Манев ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека, Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задача да чува стража.

Според обвинението Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се товарат дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 24-ти и 27-ми ноември, а на 3-ти декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

Главната расправа од судскиот процес продолжува на 28-ми април, кога Палевски треба да одговара на вкрстени прашања на Обвинителството и на одбраната на останатите обвинети.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во Битола ќе се одбележи Меѓународниот ден на џезот со концерт на Филип Динев Трио

Дејан Дејан

(ФОТО)Во јавност прикажани четири бебиња на пар желки од Галапагос

Дејан Дејан

📽(Видео)Ерупцијата на вулканот Поас ја прекри Костарика во пепел

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе