Моето дете беше удрено во училиште, а мене никој не ме извести, со овие зборови една мајка проговори за инцидент кој се случил во основното училиште Александар Македонски. Таа тврди дека нејзиниот син второодделенец бил нападнат и удрен под око додека чекал ред за оброк. Никој од наставниот кадар не и се јавил на мајката за да ја информира за нападот. Се завршило со извинување меѓу децата, без никаква последица за напаѓачот. Детето дошло дома со оток и модринка, а семејството дури тогаш дознало.
„Учителката била на местото на настанот и за да не се крене поголема фама му помогнала на моето дете со тоа што му ставила облоги на повреденото место. Сметам дека тоа го направила за да нема некои последици за случката. Меѓутоа сепак повредата не била толку лесна за да се лекува на таков начин“, кажа мајката на нападнатото дете.
Мајката вели дека ова не е првпат нејзиното дете да трпи насилство од соученици. Тоа и претходно се жалело дома дека соучениците му го фрлаат ранецот и му ги кинат книгите, но семејството молчело затоа што на тоа гледале како на детска игра.
По вчерашниот напад детето било исплашено и не сака да оди на училиште.
„Децата мора да одат на училиште. После настанот што се случи вчера моето дете не можам да го убедам да оди во истото училиште. Одбива да оди. Го смета училиштето како институција каде што пак ќе доживее некој сличен настан“, додаде мајката.
Телма стапи во контакт со училиштето, но тие одбија јавно да зборуваат и се информирани за инцидентот. Семејството на повреденото дете очекува стручните служби во училиштето да го решат овој проблем за нивното дете да може да се врати на настава.
Меѓуврсничкото насилство е чест проблем во училиштата особено кај основците. Лани имало над 150 пријави во МВР.
Тамара Марковска