Блокадата на хуманитарната помош во Газа влезе во седмата недела. Се тенчат залихите, трпението на локалното население е при крај. Според „Лекари без граници“, палестинската енклава е претворена во масовна гробница, хуманитарците на терен известуваат за акутна неухранетост. Меѓународните организации порачуваат дека храна, вода и лекови се преку потребни, а нивниот недостиг се одразува врз општата здравствена состојба во Појасот.
„Тешка е целата ситуација, од секој аспект: брашно, вода, плин и се останато. Тешко е за секого, не само за еден човек. Луѓето полека страдаат и умираат. Што згрешивме во овој живот што го живееме? – Која е нашата вина во сето ова што се случува?“, коментира Хана Вади, жителка на Џабалија.
Исцрпени, гладни и жедни, жителите на Газа секојдневно го чекаат камионот со вода, со надеж дека ќе наполнат шишиња и туби. Велат не бараат луксуз, само најосновните потреби за живот и, секако, мир.
„Водата е наједноставната работа. Ние не бараме луксуз. Нашите најосновни права се храна и вода. Наједноставните права на кој било цивил, кој било народ, кој било човек во светот. Доволно е тоа што го преживеавме. До кога ќе продолжи ситуацијата вака? – Колку долго? – Исцрпени сме. Ние сме исцрпени и нашите деца се исцрпени. Нема образование, нема живот, нема лекување, нема храна, нема вода“, реагира Невин ал Далул, раселена жителка од Беит Лахија.
Израел од 18 март ја обнови офанзивата врз малата енклава. Според палестински извори, само во последните 24 часа се убиени најмалку 25 луѓе во израелски воздушни напади врз шаторски населби за раселени лица на неколку локации во Појасот Газа.
„Што се случи? – Ги погоди проектил додека спиеја. Шаторот изгоре и сите изгореа. Сите беа изгорени и јагленосани. Дали детето инвалид ќе носи проектил и ќе се заканува на нив или едногодишното дете? – Сите се деца, сите се жени, погледнете кој е убиен, сите се деца и жени“, изјави Маџида Абу ал-Рус, мајка на загинато девојче во израелски напад.
Илјадници Палестинци излегоа на протест во Беит Лахиjа против Хамас и војната со Израел. Присутните носеа бели знамиња и бараа мир, национално единство и ново палестинско раководство. Ова е трет протест месецов, а учесниците го насловија како „крик за помош“.
„Сакаме мир. Доста ни е да живееме во страв и да ги закопуваме нашите деца додека некој зборува во наше име“, порачаа дел од присутните на протестот.
Очевидци тврдат дека протестот е еден од најголемите во последните години и покрај стравот од репресија од Хамас. Некои повикаа и на ослободување на израелските заложници. И покрај присуството на сили блиски до Хамас, не се забележани интервенции.
Сашко Димовски