Во тензична атмосфера се одржа јавната расправа во општина Новаци за изградба на Регионалниот центар за управување со отпад, кој треба да се гради на локација во близина на РЕК каде отпад ќе одлагаат 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион.
Експертите и претставниците од Министерството за животна средина дојдоа да го презентираат проектот, но граѓаните кои се против депонијата ги дочекаа со реакции, забелешки, дофрлања.
Велат не веруваат во институциите дека ќе се запазат еколошките стандарди
Народот целосно ја изгуби довербата во системот. Ги гледаме камионите низ град како течат ѓубре, зборуваме за дополнителни стотици камиони што ќе доаѓаат наваму од цел регион а сите се во иста состојба, па дури и полоши, рече Никола Танчевски, жител на Битола.
За власта разбирлива е грижата на граѓаните, но мора да се најде решение за современ третман на отпадот.
-Неколку години се правени истражувањеа кои ги правеле ЕБОР со странски експерти. Како резултат на тоа е дојдено до оваа локација затоа што се работи за едно девастирано земјиште, рече Ане Лашкоска, заменик министер за животна седина.
-Останавме последни во Регионот и Европа каде немаме организиран начин на управување со отпадот, а сите гледаме дека тоа ни причинува голем проблем насекаде околу нас, вели Стевче Стевановски, градоначалник на Новаци.
Странските експерти кои го презентираа проектот велат дека состојбата не може да биде полоша од ова што е сега.
Целта е да се подобри сегашната состојба и да се имплементира систем кој значително ќе го намали загадувањето. Најважно е да се затвори Мегленци, која е многу голем извор на загадување на животната средина, рече Андреас Менцис, технички експерт од Грција.
Министерството за животна средина ја подготвува тендерската постапка за изградба на депонијата кај Мегленци, која треба да биде готова до крајот на 2027 година.
Наспроти плановите и роковите, се протестите на граѓаните и најавите за референдум за да ја спречат изградбата на Регионалниот центар за управување со отпад во Општина Новаци.
Емилија Мисирлиевски