САД значително ја ограничуваат својата дипломатска активност во странство. Покрај намалената хуманитарна, економска и воена помош, како и кратењата за граѓанскиот сектор, Стејт департментот планира консолидација и на дипломатските претставништва со намалено присуство на сите континенти, посебно во Европа, дознава „Њујорк тајмс“.
Администрацијата на Доналд Трамп разгледува планови за затворање на десет амбасади и 17 конзулати, како и кратење на персоналот во други мисии во странство, се дознава од интерна белешка на Стејт департментот добиена од весникот. Се изразуваат стравувања дека ова може да отстапи витален дипломатски простор на Кина, дури и во региони како Европа каде што САД имаат значајно присуство. Вакво повлекување, според изданието, може да ја загрози американската национална безбедност, посебно разузнавачките активности.
Најмногу затворања на конзулати и амбасади се предвидени во Европа, вклучувајќи локации популарни за американски туристи како Бордо, Фиренца и Единбург. Можат да бидат затворени пет конзулати во Франција, два во Германија, два во Босна и Херцеговина, и по еден во Грција, Италија, Португалија и Велика Британија. Амбасадите во Луксембург и Малта исто така е планирано да се затворат, а нивните функции ќе се префрлат на соседните земји.
Предвидено е и обединување на конзуларната поддршка во земји со повеќе конзулати како Канада и Јапонија. Во Африка ќе бидат затворени амбасади во шест држави и конзулатот во Јужна Африка, вклучувајќи ја и Лесото – земја на која Трамп воведе 50 отсто царини за дијаманти и облека. Покрај тоа, се предвидува повлекување на дипломатската поддршка во Ирак и ставање клуч на конзулатите во Камерун, Индонезија и Јужна Кореја.
Според податоци на Институтот Лоуи од Сиднеј, ако овие планови се реализираат, САД ќе имаат помалку дипломатски мисии во Европа од Кина, а уште повеќе ќе заостануваат во Африка и Источна Азија, каде што Пекинг веќе има повеќе претставништва.
Белата куќа исто така планира речиси да го преполови буџетот на Стејт департментот со укинување на придонесите во буџетите на ОН, НАТО и други меѓународни организации, радикално намалување на програмите на УСАИД и затворање на образовните и културните програми на Стејт департментот. Поранешниот американски дипломат Брет Бруен го опиша овој курс како „уништување на нашите алатки за меѓународно влијание“, наведува „Њујорк тајмс“.