Зградата на Радио Телевизија Србија е трет ден под блокада. Така и ќе остане се додека, според најавите на студентите, не се распише нов конкурс за членови на Советот на Регулаторното тело за медиуми или додека не се изгасне РТС. Утрово на два часа беше прекината и Утринската програма на националниот сервис.
Денот во Белград, сепак, почна со инцидент меѓу демонстрантите и полицијата додека нејзини припадници ги спроведуваа новинарите и медиумските работници на РТС на работните места. Насобраните граѓани и студенти тврдат дека полициските службеници примениле сила, според српското Министерство за внатрешни работи, пак, било применето т.н. „потиснување“ за да можат со службените возила да го напуштат просторот.
Повторно под блокада е и Радио Телевизија Војводина, каде, пак, се бара оставка на директорот на РТВ, Горан Караџиќ. Во „прстен“ е центарот на Краљево. Пред општинската зграда е поставена метална ограда, а во градот за вечерва е најавен голем протест.
Додека протестите во Србија не стивнуваат, српските велосипедисти кои тргнаа кон Стразбур, стигнаа пред Советот на Европа, каде претпладнево одадоа почит за загинатите во падот на натстрешницата во Нови Сад.
„Нашето патување долго повеќе од 1.400 километри насловено „турнеја до Стразбур“ е симбол и сведоштво на очајот, но и на непоколебливата надеж. Нашата мисија е едноставна, но и важна, да го привлечеме вниманието на меѓународната заедница за продлабочената ерозија на демократските вредности во Србија. Живееме во земја каде што институциите повеќе не служат на интересите на нејзините граѓани, туку им служат на интересите на тесен круг на моќ, каде што медиумите се под притисок, изборите се компромитирани и критичката мисла е маргинализирана и насочена“, изјави Вељко, студент на Факултетот за политички науки.
Студентите попладнево планираат протестен марш до зградата на Европскиот парламент и ќе минат покрај Европскиот суд, каде ќе остават транспаренти. Најавен е нивни прием од хрватски и словенечки европарламентарци, а ќе остварат средба со заменик генералниот секретар на советот на Европа и директорот за демократија. Во агендата на активности во Стразбур, студентите ќе прочитаат писмо кое потоа ќе го предадат на пратениците и на претставници на европските институции.
Сашко Димовски