Претреси на повеќе локации во Прилеп денеска врши Финансиската полиција во истражна постапка поврзана со финансиското работење на прилепската Болница. Според првичните информации до кои дојде Телма, се обезбедуваат докази и документи поврзани со сомнежи за злоупотреби на пари, исплати и тендери во болницата за периодот од 2020 до 2024 година. Со истрагата на финансиската полиција се опфатени набавки на реагенси за лабораториски испитувања, сервисирање на возила и опрема, потоа исплата на прекувремена работа, но и исплата на средства во готово.
Основното јавно обвинителство Прилеп се огласи со кусо соопштение во кое наведува дека постапува во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, а поврзано со финансиското работење на болницата,
„Обезбедени се наредби за претрес на осум локации, а дејствијата ги презема Управата за финансиска полиција. По претресите, предистражната постапка ќе продолжи со други дејствија за обезбедување докази“, соопштија од Основното јавно обвинителство Прилеп.
Актуелниот директор Кире Јоноски, по преземање на функцијата, обвини дека ја наследил установата со блокирaна сметка и долг од три милиони евра, по што следеа проверки на финансиското работење во прилепската болница, а од утрово се вршат и претреси на повеќе локации. Поранешната директорка, Кети Смилеска, денеска не беше достапна.
Емилија Мисирлиевски