Лидерот на австралиската опозиција Питер Датон денеска изјави дека се подготвувал бомбашки напад врз неговата куќа, но додаде дека тоа не го спречило да учествува во изборната кампања.
Датон води кампања за парламентарните избори закажани за 3 мај, кога ќе се соочи со актуелниот премиер Ентони Албанезе.
Двајцата лидери ги обезбедуваат тимови на Австралиската федерална полиција додека ја обиколуваат земјата.
Загриженоста за безбедноста на Датон се најде во фокусот на јавноста откако вчера е наложено на 16-годишното момче да му се суди под обвинение за планирање терористички чин. Тој беше уапсен во август минатата година и се соочува со доживотна казна затвор доколку биде прогласен за виновен.
Врз домот на Датон, каде што живее со сопругата и трите деца на периферијата на Бризбејн, бил планиран напад во кој наводно бил вклучен дрон со експлозив.
Премиерот Албанезе рече дека го контактирал Датон по таа вест. Албанезе рече дека тој исто така бил цел на „многу сериозен инцидент“, но одби да прецизира повеќе детали.