Тесен пат, лоша инфраструктура, недостиг на сместувачки капацитети, малку содржини, уште помалку инвестиции на Пелистер. Иако е меѓу најубавите планини кај нас, со исклучителни можности, сепак потенцијалот не е искористен. По многуте изработени досега, без видливи резултати, сега се најавува нова студија за развој на летниот и зимскиот туризам на Пелистер.
„Треба да се водиме исклучиво во развој на еко, активниот, авантуристичкиот туризам, затоа што примарните влогови не се големи. Од друга страна ја чуваме природата, а трето таа инвестиција е повратна, а бенефитот најбрзо ќе го видат граѓаните, без да правиме големо сквернавење на природата“, вели Иванчо Тошевски, директор на Националниот парк Пелистер.
Студијата ја изработува локалната самоуправа, а експертите кои се вклучени велат, прво и основно е изградба на одржлива инфраструктура за содржините да бидат достапни до туристите. Но, сите активности во тој вреден простор под заштита да се прават внимателно, за планината да се користи, а не да се искористи.
„Ако немате инфраструктура, немате производ. Не можете да се движите низ планината. Тука е компромисот, да го најдеме сите заедно. Колку може планината да истрпи, за да внесеме туристи кои нема да го оштетуваат, туку напротив ќе го збогатат тој простор“, вели проф. д-р Сашо Коруновски од Факултетот за туризам при УКЛО.
Денеска Националниот парк Пелистер организираше јавна дебата за студијата на која учествуваа сите засегнатаи страни – Општина Битола, планинари, туроператори, невладиниот сектор, институции.
Емилија Мисирлиевски