Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, ќе ги посети дел од земјите на Западен Балкан а турнеата ја почнува денеска и ќе трае три дена.
Ова е нејзина прва посета на регионот, при што ќе престојува во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.
Скопје, Белград и Приштина не се на нејзината агенда.
Во Црна Гора, Калас ќе се сретне со претседателот Јаков Милатовиќ и премиерот Милојко Спајиќ, како и со претставници на граѓански организации.
Во Албанија, Калас ќе разговара со претседателот Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, а ќе го отвори и првиот дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Албанија.
Во Босна и Херцеговина, Калас ќе ги посети припадниците на ЕУФОР Алтеа и ќе се сретне со членовите на Претседателството и со претседателката на Советот на министри, Борјана Кришто.