На мастерс тенискиот турнир во Индијан Велс, Карлос Алкараз ја продолжува трката по трет трофеј по ред во Калифорнија, но двајца од ТОП 10-те фаворити ги завршија настапите во осминафиналето.
Алкараз утринава не виде многу мака против Димитров и славеше во два сета со по 6-1. Шпанецот е на добар пат да го освои трофејот по трет пат по ред бидејќи ова за него беше 15-та победа во низа на Индијан Велс. Само Новак Ѓоковиќ со 19 и Роџер Федерер со 18 имаат повеќе победи по ред на мастерсот.
Алкараз во четвртфиналето ќе се соочи со Франциско Серундоло. Аргентинецот го изненади деветтиот носител Алекс де Минор со 7-5 и 6-3. Големо изненадување направи Џејк Дрејпер, кој пак го победи третиот носител Тејлор Фриц со со 7-5 и 6-4. Британецот во следната рунда ќе игра против Бен Шелтон.
На женскиот дел од турнирот, првата носителка Арина Сабаленка со 6-1 и 6-2 беше подобра од Сонај Картал. Белорусинката во четвртфиналето ќе игра против Људмила Самсонова, која пак ја изненади шестата носителка Јасмин Паолини со 6-0 и 6-4. Уште една топ фаворитка ги заврши настапите во оваа рунда, а тоа е третата носителка Коко Гоф, која пак загуби од Белинда Бенчиќ во три сета.
Швајцарката за следна ривалка ја има петтата носителка Медисон Кијс, која пак ја победи Дона Векиќ исто така во три сета.