Сите маркети, фризери, козметичари, производители. Ова се само дел од дејностите кои бизнисот бара да можат да работата во недела. Министерот за економија Дурмиши и неговиот заменик Ристески на брифингот со новинарите соопштија дека на состаноците се отворило прашањето но дека синдикатот е против па затоа се води дискусија за да се најде решение кое ќе им одговара на сите.
„Не се разговара за целосно да се укине недела неработен ден туку да се овозможи на некои дејности да работат, но да им се плати двојно или тројно повеќе. Работодавачите бараат синдикатите се против па затоа во следниот период ќе се разговара за да се најде соодветно решение“ изјави Бесар Дурмиши министер за економија.
За поскапувањето на производите со кое се соочија граѓаните изминатиот период од економија соопштија дека се виновни сите и производителите и трговците и добавувачите. Повторно ги предупредија – ако се случи истото ќе следуваат поригорозни мерки.
„Одлуката за замрзнување на цени е готова и е на моето биро. Ако дојде до повторно зголемување на цените неоправдано веднаш ќе биде донесена“ изјави Дурмиши.
Од први јануари стартува и законот за нефер трговија, но ќе претрпи технички измени, затоа што има забелешки за трошоците за маркетинг но и за враќањето на производите кои нема да се продадат а чиј рок е при крај.
Со овој закон надлежните уверуваат дека повеќе нема да има опомени, туку ќе се казнува. Комисијата за заштита на конкуренцијата е екипирана и ќе може да делува.
Инаку изминатите денови паралелно со кошничката дојде до скок на цени на производи кои не беа дел од нејзе. Поскапувањето беше од околу 30 отсто. Тука влегуваа производи кои се користат секојдневно. Ваквиот потег ја вивна и инфлацијата која во ноември изнесува 4, 3 отсто во однос на ноември лани. Сега цените се вратиле до некое ниво па затоа нема да има одлука за замрзнување, но ќе се чека да се види што ќе се случува понатаму и како ќе се однесуваат трговците добавувачите и производителите.
Ирена Чачкова