Ќе се смени ли лошата слика со нечистотија и купишта отпад која ја имаше Тетово со години наназад? Наместо инертниот отпад да биде оставен покрај контејнерите, што беше досегашна лоша практика на жителите, истиот може да се однесе во Собирен пункт лоциран на излезот од градот, кон селото Требош, кој денес започна со работа. Граѓаните можат да побараат и комуналното претпријатие да го подигне од нивниот дом, бесплатно.
„Ги замолувам граѓаните ако имаат каков било отпад да го донесат тука, ако не можат да го донесат тука, веќе е донесена одлука на Совет, ние сме подготвени и од дома да го подигнеме отпадот, без да имаат дополнителтен трошок. Важно е сите да работиме заедно да имаме поубав и да имаме европски град“ изјави Биљал Касами, градоначалник на општина Тетово
„Работно време ќе биде од понеделник до сабота од 8 до 16 часот. Во првата фаза ќе се собира крупен отпад, пластика, хартија и електронски отпад, а понатака и други видови. Ако биде добро прифатен овој собирен пункт, ќе направиме уште еден во другиот дел од градот, следната година“. изјави Робер Чајиќ, директор на Заубермахер, Словенија