Општина Струмица официјално ќе го напушти ЗЕЛС, Јакимовски од Карпош излезе со слична најава, а од заедницата бараат вразуменост кај двајцата градоначалници.
Тие обвинуваат дека Заедницата на единиците на локална самоуправа е партизирана, дека се работи по директиви од страна на извршната власт и дека првите луѓе на ЗЕЛС молчат за сите притисоци приредени од министри во Владата.
Проблемот со водата за пиење „ја прели чашата“ во Општина Струмица. Градоначалникот Костадин Костадинов е дециден – вели, се тера политика на грбот на струмичани и врз нивното здравје.
Одлуката за напуштање на ЗЕЛС, струмичкиот градоначалник ја соопшти на социјалните мрежи.
Напуштањето на ЗЕЛС е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит. Општина Струмица како институција не е удостоена со ниедна писмена одлука од Владата и нејзините институции, за нив дознаваме од медиумите. Членството ќе важи исклучиво за законските ингеренции на ЗЕЛС во однос на системите на општините, а за сѐ друго сме надвор од ЗЕЛС, напиша Костадин Костадинов, градоначалник на Општина Струмица, на социјалните мрежи.
Градоначалникот на скопски Карпош, Стевчо Јакимовски, тврди дека има многу причини за напуштање на ЗЕЛС.
Застана во одбрана на неговиот колега од Струмица, ја повика и градоначалничката на Град Скопје и таа да размисли да го направи истото.
А, до централната власт упати порака да се занимава со посериозните државни прашања, наместо да им прави „сопки“ на градоначалниците од опозицијата.
„Кое племе е ова, од каде дојдоа овие луѓе?! Да не гласаш програми за работа! И ај што не ги гласаат, туку кога ќе ги изгласаме тие ги обжалуваат во инспекторати и вршат притисок да донесат одлука таква каква што тие сакаат. И мислат дека ние треба сето тоа да го трпиме. Јас прво не можам да се изначудам. Да земеш власт во државава, да добиеш 460 илјади гласови и да се занимаваш со Костадин Костадинов, со Стевчо, со Данела, наместо да се занимаваш со Брисел и со Вашингтон. Јас не знам како имаат време и како имаат живци да се занимаваат со нас, кажа Стевчо Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, одговори на сето ова со повик за разум.
Смета дека ваквите проблеми се решаваат на маса и со дијалог.
Најавите за напуштање од страна на Општина Струмица и Општина Карпош ги оцени како несериозни, ги повика колегите добро да ги преиспитаат потезите и да не ги држат „во заложништво“ жителите на нивните општини.
„Според мене, секој проблем се решава. Нема нерешлив проблем, освен ако не е од Бога тоа. За сѐ останато можеме да седнеме и да го решиме на маса заеднички, доколку има интерес и доколку не се крие нешто друго во позадина на целиот процес. Вратата им е отворена, слободно можат да дојдат – не единствено со мене туку и со целиот управен одбор, за да продискутираме за одредени нивни проблеми. Верувам дека ќе постапат разумно и верувам дека можеби ова е моментален начин на којшто сакаат медиумски да добијат поголема достапност за одредени теми, кажа Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода.
Градоначалникот на Карпош, посочи дека претседателот на ЗЕЛС не треба да биде од истата партија која е на власт, за да биде во положба ефективно да ги штити интересите на локалната самоуправа.
Сепак, Јакимовски прифати да се сретне со претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски. Кажа дека одлуката за напуштање на заедницата може да биде преиспитана единствено во случај да се корегира односот на власта.
Градоначалникот на Струмица, Костадинов веќе извести дека денеска ќе испрати официјален допис до ЗЕЛС.
Со реакција денеска се јави и министерот за локална самоуправа, Златко Перински. Вели, ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа којашто има мандат да ги застапува нивните интереси пред Владата и добро е и во иднина да остане така.
Петар Догов
