Писмото кое владата ќе го испраќа до европските институции со нова идеја како да се деблокира европскиот пат на земјава, кое го најави премиерот, Христијан Мицкоски, се уште не е напишано, а и кога ќе биде на јавноста би и било презентирано дури после изборите во Бугарија. Ова денеска го соопшти министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, кој откри дека тоа што ќе го бара Македонија е гаранции од Европската унија, по спроведени уставни измени, зејмава да не биде дополнително блокирана од Бугарија врз основ на спроведувањето на Протоколот од Договорот за добрососедство.
„Ако ги гледате, не Договорот за добрососедство со Бугарија, меѓутоа протоколите, ние таму сметаме дека има огромни можности за дополнителни блокади. И ако ние како влада сметаме дека постои таков ризик и со надминување на сегашниот чекор само ќе го поместиме уште една блокада понатаму, мислам дека треба да ги исцрпиме сите можности во обезбедување на некакви гаранции дека нема да бидеме повторно предмет на блокади“, рече Муртезани.
Според Муртезани идејата за уставни измени со одложено дејство не е исцрпена, но со новата идеја фокусот сега би се ставил на Европската унија и нејзиниот однос кон можноста земјава да биде понатаму блокирана од страна на Бугарија врз основа Протоколот, кој инаку е дел ид преговарачката рамка на земјава со ЕУ.
„Сите ние сме биле сведоци дека и Договорот за добрососедство и протоколите се предмет на различна интерпретација од различните страни и ние сакаме да бидеме сигурни дека тие различни интерпретации нема да бидат некој наредна унилатерална позиција на Бугарија којашто ќе биде заедничка позиција на ЕУ“, вели Муртезани.
Запрашан дали тоа значи дека ќе се бара гаранција од ЕУ Протоколот со Бугарија да не се користи за дополнителни блокади, неговиот одговор е негативен.
„Не, нереков така. Реков, според нас има дополнителни можности понатаму за блокади и сакаме да ги елиминираме сите тие можности“, изјави Муртезани.
Муртезани кој денеска реферираше за 100 дена министерување, за писмото со новата идеја за деблокада на процесот на пристапување, рече дека е на ниво на интерни разговори во владата.
„Моментално не разговараме за содржината или што точно ќе содржи. Ќе има уште неколку координации во Владата заедно со премиерот и откако ќе биде тоа срочено во рамки на некоја стратегија, тогаш сигурно дека ќе биде испратено и споделено со јавноста. Во моментот нема содржина на такво евентуално писмо“, изјави Муртезани.
Муртезани кој доаѓа од коалициата „Вреди“, а која своето учеството во владата го услови со деблокирање на европските интеграции до крајот на годинава, доколку тоа не се случи во зададениот рок, денеска рече дека тече четвртиот месец од рокот и кога ќе се стигне до крајот ќе се види какви се можностите и што ќе се прави понатаму. Според Муртезани остануваат уште два месеци дотогаш.
Тамара Грнчароска