Вести Македонија

Дали ќе се замрзнат цените или ќе се ограничат маржите на 100-тина производи?

Утре ќе се знае кои се производи ќе бидат дел од есенската кошница. Министерот за економија наброја дел од продуктите кои во следниот период ќе можат да се купуваат по пониски цени. Тука се пиперката ајварка, овошје, млеко, брашно, ориз, грав. Но, целата листа ќе ја објават во текот на утрешниот ден. Со кошницата се опфатени 100 тина производи. Сè уште се анализира дали тие ќе бидат со замрзнати цени или пак ќе им се ограничат маржите на одреден процент. Со ваквата мерка тие ќе бидат дополнително намалени со оглед на тоа што тие производи се дел и од листата продукти чии рабат е ограничен на 10 отсто.

„Ќе се направи една симулација за замрзнување на цените на одредено ниво или ограничување на маржата од 5, 10 или 15 проценти на основните прехранбени производи и во зависност од тоа ќе донесе одлука. Наредната недела истото ќе биде испратено до Владата за да се усвои“, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

Планот е да се воведе и зимска, велигденска и рамазанска кошничка.

Изминатиот период цените сериозно се зголемија особено кај зеленчукот. За еден месец тука цените пораснале за 10 отсто.

Домати, краставици и пиперки што најмногу се користат се со трицифрени цени. Нема ништо под 100 денари, а на некој места цената на доматот достигнува и до 160 денари или 2,5 евра.

Боранија свежа чини и до 200 денари, а една марула се продава од 50 до 80 денари.

Во анкетите кои ги правиме со граѓаните постојано се жалат дека парите не стигнуваат, се откажуваат од одредени производи, а од маркет дома се враќаат со полупразни торби.

Но она што е интересно е тоа што и оваа влада продолжува со праксата кога министрите се во улога на пазарни инспектори. Дурмиши денес половина час од своето работно време беше во обиколка на две книжарници за да види дали се почитуваат мерките за ограничување на цените на училишниот прибор.

И неговите претходници поранешниот министер за економија Бектеши и експремиерот Ковачевски кога се одлучуваше да се замрзнат цените правеа обиколка во маркети за да проверат колку се почитуваа тоа.

Инаку трговците се категорични дека праксата на замрзнување на цените треба веднаш да престане и да се остави самите да се формираат.

Законот пак за нефер трговски практики треба да почне со примена за неколку дена. Со него се очекува да се стави ред со цените, но изминатиов период дел од бизнисмените реагираа да се повлече а други пак сметаат дека треба да стапи на сила и тоа веднаш.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пакистан ја обвини Индија за ракетни напади врз воени бази

Дејан Дејан

Ким Џонг-ун: Учеството на Северна Кореја во војната во Украина е оправдано

Дејан Дејан

Обинителство отвори истрага против пет лица за убиството во Штип

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе