Главен приоритет на оваа влада е дигиталната трансформација, истакна премиер Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Преку дигиталната трансформација, ние мислиме дека нивото, степенот на корупција, криминал ќе биде жестоко намален. И тоа е начинот како ние може да се бориме со криминалот и корупцијата. Нема друг начин. А тоа е транспарентна, отчетна постапка, на многу работи кои што се поврзани со потребите на граѓаните. Вие денеска да појдете да извадите Извод од матична книга на родени, ви требаат недели или има скратена процедура. Таа нејчесто завршува со 500 или 1.000 денари во џебот на некој и тие ја завршуваат за неколку часа“, вели Мицкоски.
Удел во дигиталната трансформација ќе има компанија блиска до републиканскикот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп.
„Организатор на оваа група е господинот Крис Павловски. Како држава, мислам дека треба да имаме чест и провилегија што овие луѓе, прво, се тука, бидејќи станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт. Крис Павловски е со македонско потекло. Неговите родители се од ресенско, тој е роден во Канада, живее во САД и работи заедно со тимот на Трамп во делот на развивање на „Рамбл“ корпорацијата. Таа е многу важна посебно во процесот на дигитализација, посебно во процесот на ФИНТЕК индустријата, итн. Луѓето кои што беа тука, господинот Хауард и господинот Нес се двајца од кругот на најблиски соработници на претседателот Доналд Трамп. Тоа се луѓе со исклучително големо и корпоративно, но и политичко искуство во делот на трансформација на држави“, објасни Мицкоски.