Нови четворица обвинети во случајот Синџир за даночно затајување и перење пари денеска признаа вина на второто рочиште. Пресудите се закажани за в среда. Првично беа обвинети 22 сопственици и директори на 19 фирми, кои со меѓусебно издавање на фактури за фиктивни стоки и услуги за помалку да платат или да не платат ДДВ, од почетокот на 2019 до крајот на 2021 година, го оштетиле буџетот за 8 милиони евра.
Во меѓувреме еден од обвинетите почина, а четворица признаа вина и се спогодија уште пред да почне судењето. На почетокот на судењето вина признаа уште шестмина обвинети. По денешните четири признанија, на обвинителна клупа остануваат уште седуммина. Досега осудените кои признаа вина добија или условни казни или затвор меѓу 1 и 2,5 години, плус да ги вратат парите, но дел од нив немаат ни пари ни имот.
При изрекувањето на пресудата судијката рече дека е прашање дали се фатени сите алки од синџирот.
Бизнисмените Стојан Чифлигароски од Битола, чија фирма СВ-Инвест во изминатите години добиваше милионски тендери од РЕК Битола, и Љупчо Пецов Ѓаволот од Неготино, кои се товарат дека биле организатори на групата се во бегство и за нив нема обвинение. Распишани се меѓународни потерници.
Срѓан Стојанчов