Вести Македонија

Александар Пандов назначен за нов директор на затворската Управа

Владата на денешната седница го назначи Александар Пандов за нов ВД директор на Управата за извршување на санкции.

Пандов е член на ВМРО-ДПМНЕ и е претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ. Досегашен директор на Управата беше Јовица Стојановиќ, долгогодишен службеник во Управата кој во неколку наврати беше директор и на затворската Управа, но и на затворите во Идризово и во Тетово.

Од владата испратија и кратка биографија на новиот директор во која стои: Пандов е дипломиран историчар на Институтот по историја на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Бил пратеник во македонското собрание од 1998 до 2002 година. Пандов има работно искуство во приватниот сектор.

Затворската Управа за извршување на санкциите е надлежна за состојбите во затворите и за реформите на затворскиот систем кој е најкритикуваниот сегмент во областата на правото и правдата. Имаше повеќе инциденти во затворите, но и палења на автомобили на директор и началници од затворите. Од друга страна, затворениците се жалеа на лоши услови за сместување и за здравствена помош.

Вкупно 5 назначувања на директори објави денеска кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. За ВД директор на Фондот за здравствено осигурување е поставен Сашо Клековски.

На позицијата ВД директор на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони е назначен Гоце Димовски. Димовски е доктор на науки, докторирал на тема „Улогата на странските директни инвестиции на перформансите на малите и средни претпријатија во Република Македонија”. Тој има долгогодишно работно искуство во институции и компании како што се ОБСЕ-ОДИХР, Министерство за транспорт и врски, Национален Парк „Маврово”, Совет за јавните набавки на Македонија, Јавно сообраќајно претпријатие – Скопје, Пелагонија АД Гостивар, Министерство за финансии – Проект за подобрување на општинските услуги (МСИП и МСИП2) финансиран од Светска Банка,  ЦРППР – Проект за стратешко планирање, истражување, развој на студии и креирање на пакет проекти за регионален развој на Полошкиот регион (iCARE) и Совет на Општина Гостивар.

Димовски исто така има искуство во имплементација на инвестициски проекти финансирани од различни меѓународни финансиски институции како што се Светска Банка, Европската инвестициона банка, Банката за развој при Советот на Европа, Европската банка за реконструкција и развој и Германската развојна банка КфВ.

Владата го назначи Оливер Миланов за ВД директор на Агенцијата за храна и ветеринарство. Миланов завршил Стоматолошки факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Миланов има работно искуство во делот на безбедност на храна, а доаѓа од позицијата ВД раководител на Секторот за храна од неживотинско потекло во Агенција за храна и ветеринарство.

Учествувал во комисии и работилници од областа на безбедност на храна, а се стекнал со меѓународни сертификати преку учество на обуки во организација на Европската Унија.

Владата му препорача на Управниот одбор на ЈП за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“ да го избере Здравко Трајанов на ВД директор на „Национални шуми“.

Трајанов е редовен професор на Шумарски факултет во Скопје, на областа Искористување на шумите, Механизација во шумарството и Други, по предметите Шумски транспорт, Отворање на шумите, Вовед во градежништво, Парковски инфраструктурни објекти, Влијание на активностите врз животната средина, Феријална пракса. Трајанов во 2001 година бил член на бордот на директори на ШИК Плачковица – Радовиш (претставник на државниот капитал). Во 2006 година бил надворешен советник во ЈП Македонски шуми, а бил и учесник во работната група за трансформација на ЈП Македонски шуми во 2013 година. Трајанов бил советник во Советот на Општина Радовиш, како и пратеник во Парламентот од 2020 до 2024 година. Тој има посетувано бројни обуки и има објавено голем број на научни и истражувачки трудови во областа на шумарството.

Владата повторно ќе се оградува со метална ограда, одлучено е на денешната владина седница

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе