Вести Македонија Топ вести

Со зелена транзиција до ублажување на ценовни шокови од нафтата

Сè уште е неизвесно како поскапувањето на нафтата на светските берзи од минатата недела ќе влијае врз инфлацијата во земјава, зашто е нејасно дали пазарите ќе го оценат поскапувањето како привремено или со подолготраен ефект, велат во Народната банка.

Цените на нафтата на светските берзи минатата недела пораснаа за повеќе од 4 отсто и на лондонската берза надминаа 90 долари за барел, што е највисока цена во изминатите пет месеци. Поскапувањето е резултат на зголемените тензии на Блискиот Исток, но и на украинските напади со беспилотни летала врз руските рафинерии. Тоа ги зголеми стравувањата дека нафтата може да повлече бран поскапувања и на други производи.

„Очекувањата на пазарите од крајот на март оваа година и натаму упатуваат на генерално стабилизирање на цените на нафтата оваа година, односно дека тие би биле минимално пониски од 2023 година и засега не отстапуваат значајно од претпоставките коишто се веќе вградени во нашите последни проекции. Се разбира, внимателно следиме и доколку овие трендови добијат потраен карактер, соодветно ќе бидат земени предвид. Во тек се новите оценки во рамки на пролетниот циклус на проекции, во кој ќе се направи сеопфатна анализа на сите фактори кои влијаат врз инфлацијата за оваа и следната година, и ќе се даде попрецизна оценка“, велат во Народната банка.

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангелоски вели дека за очекување е поскапувањето на нафтата да влијае на поскапување и на други производи. Според него, зелената транзиција е единствениот начин на кој земјава може да ги ублажува шоковите од цената на енергенсите врз кои не може да влијае.

„Мислам дека цените на нафтата се едната компонента, а постојат уште неколку компоненти врз кои директно можеме да влијаеме, а преку таа зелена транзиција може да се намалат цените и зависноста од вакви шокови и удари. Она што цела нормална Европа го прави, истото и ние мораме да го правиме, да се ориентираме во истиот правец – зелена транзиција, зелена енергија, обновливи извори, заштеда на енергијата, и тоа треба да ни е секојдневие“, вели претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски.

Тој потсетува дека струјата на берзите во изминатата недела во некои периоди е дури и во минус.

За разлика од претходните две години кога инфлацијата достигнуваше и до 20 отсто, за годинава се очекуваше стабилизирање на цените. Владата проектираше инфлација од 3,6 отсто за годинава, а очекувањата на Народната банка беа дека таа ќе се движи меѓу 3,5 и 4 отсто.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел се заканува со еднострани мерки при признавање на палестинска држава

Дејан Дејан

Скопје и Скопскиот регион зафатени со врнежи од дожд и засилен западен ветер

Дејан Дејан

Трамп го повика Киев да преговара со Моксва за прекин на огнот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе