Новак Ѓоковиќ ја предводеше Србија до победа против Чешка во Јунајтед Купот и закажа четвртфинале со домаќинот на турнирот Австралија.
Во дуелот во рамки на групата Е, Маркета Вондрушова ја победи Олга Даниловиќ во три сета и ѝ донесе водство на Чешка против Србија. Ѓоковиќ го совлада Јиржи Лехечка со 6-1, 6-7 и 6-1, а во мешани двојки Даниловиќ и Меџедовиќ ја одведоа Србија до триумфот и пласманот во четвртфиналето. Таму нашиот северен сосед ќе ги одмери силите со домаќинот на Јунајтед Купот, селекцијата на Австралија.
На останатите пресметки, во групата Б, Чиле ја изненади Грција и славеше со 2-1, додека во групата Ф, Хрватска победи на двата меча во сингл, но загуби во мешани двојки од Холандија. На „коцкестите“ им требаше победа од 3-0 за да бидат на првото место во групата и да се пласираат во четвртфиналето. Со овој резултат, Норвешка е прва и оди директно во нокаут-фазата додека Хрватска ќе чека да се одиграат сите мечеви од групната фаза за да види дали ќе биде помеѓу најдобрите второпласирани селекции.