Го запишаа на црната листа на САД, а го избришаа од листата на почесни конзули на Малта. Откако се најде во друштво на Груевски, Мијалков, Мерко, Камчев и Самсоненко, како непожелни за влез во САД, екс-вицепремиерот Кочо Анѓушев почна да ги губи привилегиите. Малтешкиот министер за надворешни работи, Јан Борг, кој се сретна со Анѓушев минатата недела во Скопје, му ја прекина функцијата почесен конзул, на која беше две години. Неговиот портпарол изјавил дека „со оглед на ваквите случувања, министерството го прекинува неговото назначување со непосреден ефект и внимателно ги следи најновите случувања“. Веднаш потоа се огласи и Анѓушев.
Анѓушев ги информирал во Малта дека ќе се жали на одлуката на Стејт Департментот, како што најави и овде. За оваа негова најава, американската амбасадорка вели дека тие следат законски прописи кога ставаат лица на црната листа.
Амбасадорката најави дека ќе има и други лица од Македонија на црната листа и го повтори ставот дека, сепак мерки треба да преземат и нашите институции.
Истото го побара и премиерот, кој, пак, се огради од екс-вицепремиерот во владата на СДСМ.
Случајот со Анѓушев, за претседателката на Антикорупциската комисија е типичен пример дека, борбата против корупцијата е само декларативна. Вели, се знае проблемот, се знае лекот, но пациентот не сака да го прими.
Стејт департментот во вторникот го стави Анѓушев на црната листа со образложение дека „нема право на влез во САД затоа што ја злоупотребил својата службена положба додека бил вицепремиер во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во владините институции“.
Далиборка Демјанска Цветановска