Вапсањето црвени јајца за Велигден е најраспространетата традиција во сиот христијански свет. Вапсањето започнува денеска на Велики Четврток. Домаќините, рано наутро, пред изгревањето на Сонцето ги бојадисуваат првите три црвени Велигденски јајца.
– Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – христовите ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото Предание. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството, вели професорот на Богословскиот факултет во Скопје, Ратомир Грозданоски.
Објаснувајќи го значењето на црвеното јајце и зошто е земено за традиција, Грозданоски појаснува дека велигденското јајце црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение. Првите Христијани и современици на апостолите почнале да вапцуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувјаќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!
Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и до ден -денес е запазена во Светото Православие, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден.
Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Бојата на јајцето не потсетува и на крвта Христова и на спасението.