Вести Македонија

Последен ден за пријавување во Работната група

Експерти и претставници на владеачките партии од утре може да почнат да ги пишуваат уставните измени. Составот на Работната група ќе биде соопштен по истекот на денешниот ден, за да се сочекаат сите евентуални пријави во дадениот рок.

Се очекува да учествуваат шест до осум експерти по уставно право. Меѓу нив се професорите Денис Прешова, Јетон Шасивари, поранешната судијка во судот во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, поранешните уставни судии Бајрам Положани и Сали Мурати, а со дел од експертите сè уште се разговара. Ќе им се придружи и професорот Александар Спасов, но како предлог на шефот на државата. Пристигнаа номинациите и од другите поканети институции: Секретаријатот за европски прашања го номинира Драган Тилев, а МНР – Шпенд Садики.

Поголемиот дел од парламентарните партии самите ги соопштија своите претставници: СДСМ ја номинира генералната секретарка на Собранието и поранешна пратеничка Цветанка Иванова, ДУИ се определи за координаторот на пратеничката група Арбр Адеми, Алијанса за Албанците за пратеникот Ремзи Мехмеди, НСДП за Соња Мираковска, Партијата на пензионерите за професорот Темелко Ристовски, ДПА за Раметула Кучи итн.

Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица и Демократски сојуз соопштија дека одбиваат учество и нема да номинираат свои претставници.

СДСМ уште еднаш ги повика сите што ѝ мислат добро на државата да се приклучат на овој процес и да ја поддржат европската иднина. Премиерот Ковачевски потсетува дека ова нема да бидат последни уставни измени – пред влезот во ЕУ треба да се отстапат дел од надлежностите, а претходно да се направат и други реформи со дво-третинско мнозинство.

Ова не е последното двотретинско гласање на патот до ЕУ. Пред нас имаме, врз основа на скрининг-извештаите што ќе ги добиеме: реформа на правосудството, на обвинителството, на јавната администрација, на децентрализацијата, за кои е потребно двотретинско мнозинство. Затоа велам дека овој процес не може да биде заложник на еден човек, рече премиерот Ковачевски.

Работната група треба да го состави нацртот на текстот на уставните амандмани, со кои во Преамбулата ќе се вклучат Бугарите и други делови од народи. Потоа ќе биде организирана широка јавна, па собраниска дебата во Комисијата за уставни прашања. Но, за отварање на Уставот во Собранието се неопходни 80 пратенички гласа.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Таткото Спасески се жали дека мајката го попречува да го види неговиот син

Дејан Дејан

Тројца кандидати го минаа филтерот за Европскиот суд за човекови права

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе