Страотно масовно убиство ја потресе денеска Русија, во кое животот го загубија 15 лица додека има и најмалку 24 ранети, од кои дури 22 се деца, потврдија официјални извори од полицијата.
Убиени се и 11 деца кои следеле настава во училиштето во кое учеле 1.000 деца во градот Ижевск, во Удмуртската република.
Напаѓачот извршил самоубиство а според информациите на руските медиуми, тој бил поранешен ученик во училиштето.
На кусата видео снимка објавена од рускиот истражен комитет, се гледа неговото безживотно телот на подот на една училница а забележливо е дека на маицата која ја носел има и црвен нацистички симбол.
„Според првичните податоци, 13 луѓе од кои 6 се возрасни лица а 7 се деца, се жртви на ова злосторство. 14 деца и 7 возрасни луѓе се повредени. Информации за убиените и ранетите се проверуваат. Напаѓачот извршил самоубиство. Во моментов, утврдено е дека тој носел црна маица со нацистички симбол и црна капа. Немал документи со себе, податоците за неговиот идентитет се утврдуваат“ – соопшти Светлана Петренко, портпаролката на руската полиција.
Руските медиуми го идентификуваа убиецот како Артем Казанцев, 34 годишен маж, поранешен ученик во училиштето во кое го извршил крвавиот масакр.
На социјалните медиуми беа објавени повеќе видео снимки кои ги направиле децата во училиштето, кои откако ги слушнале истрелите се обиделе да се сокријат на подот во училниците.
На дел од нив се гледаат и обидите за панично бегство на дечињата, соочени со ужасот во училиштето.
Според неофицијалните информации, напаѓачот го извршил масовното убиство со два автоматски пиштоли.
Гувернерот на Удмуртската република прогласил период на жалост за жртвите во масовното убиство до 29-ти септември. Училиштето во кое се случи злосторството е лоцирано во центарот на Ижевск, градот со над 650 илјади жители, каде има и фабрики во кои се произведуваат калашникови.
По серијата масовни убиства во училишта во Русија во последните години, претседателот на државата, Владимир Путин се обиде да ја засили контролата на тоа кој може да поседува огнено оружје и им нареди на безбедносните органи да ги засилат анти-терористичките протоколи за справување со вакви злосторства. Минатата година, 9 луѓе, од кои 7 деца беа убиени во училиште во Казан, додека неколку месеци подоцна, 6 луѓе беа убиени а повеќе десетици повредени во сличен инцидент на универзитетот Перм.
Во 2018-тата година, тинејџер усмрти 20 луѓе и во училиште во градот Керч, на Крим, пред да изврши самоубиство.
Никола Илиевски