Вести Македонија Најважни

До последен момент неизвесно дали децата во понеделник ќе се вратат во училиште и градинка

Дали децата во понеделник ќе се вратат во училишните клупи и градинките ќе се знае во 5 до 12 – односно во последен момент. СОНК и владата најавија дека дијалогот ќе продолжи викендов, откако вчера не успеаја да ги приближат ставовите и обидот пропадна. Од Владата го повторија вчерашниот став дека е  договорено да се утврди процентот на зголемување на платите кој би се реализирал со ребалансот на буџетот, кој пак  во мај или најдоцна до јуни треба да се најде пред пратениците. Но не прецизираа дали и кога би имало официјална средба со синдикатот .Она што се знае е дека претседателот на СОНК Јаким Неделков на социјалните мрежи  се извини дека нема да биде достапен за медиумите до утре попладне. Во меѓувреме пак министерот за финансии Бесими во колумна напиша дека  во време на криза зголемувањето на платите може да  ја разгори инфлацијата. Но порача дека решение мора да се најде.

Треба да е јасно дека зголемувањето на основните плати на наставниците за околу 90% и линеарно зголемување на платите за скоро 20% во градинките (што повлекува барања за покачување на платите во останатиот јавен сектор), во овие околности значи разгорување на инфлаторната спирала. Во економската теорија секое зголемување на плати без притоа да нема зголемена продуктивност ќе предизвика инфлаторни притисоци, кое во услови на инфлација може да ја подгрева дополнително инфлацијата, напиша Бесими.

Од СДСМ пак и денеска со апел наставниците да се вратат на настава, а во меѓувреме да продолжи дијалогот.

И оваа година ќе следува раст на платите во образованието, тоа ќе го постигнеме низ дијалог со Синдикатите и сите засегнати страни. Затоа, апелираме СОНК да се врати на дијалогот, наставата да продолжи, ќе се најде решение кое е во интерес на наставниците.Да не дозволиме наставата да се пролонгира и со тоа да се загрозат уписите, државната матура како и полагањето стручен испит на петстотини наставници, рече пратеничката од СДСМ Даниела Николова.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак графитите на фасадата на градинката во Ѓорче Петров ги оквалификува како закани и притисоци  кон штрајкувачите. Ја повика на реакција и меѓународната заедница.

Тоа е пораката што преку активистите СДСМ и владата ја упатуваат до наставниците, професорите, негувателките и до воспитувачките, но и до СОНК и останатите синдикални организации. Тоа е скандалозно и ја повикуваме меѓународната заедница, ОБСЕ и сите кои што ги следат процесите да реагираат, во спротивно ќе бидам разочарани и од нивното однесување, порачаа од најголемата опозициска партија.

Просветните работници штрајкуваат веќе една недела. Бараат зголемување и на останатите плати согласно растот на минималецот. А поголем дел од децата воопшто  не одеа во градинките и училиштата цела измината недела.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Таткото Спасески се жали дека мајката го попречува да го види неговиот син

Дејан Дејан

Тројца кандидати го минаа филтерот за Европскиот суд за човекови права

Дејан Дејан

Со премиера на „Риголето“, почнуваат 53-те „Мајски оперски вечери“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе