Ова се халите на поранешниот индустриски гигант „Треска“ кои први почнале да горат. Центарци слушнале експлозија и пукотници, а сите во околината веднаш ја почувствувале страшната миризба. Изгоре голем дел од остатоците на „Треска“. Каблите се стопени, старите машини сега се непоправливо оштетени и не можат да завршат ниту во музеј, а голема причина за чадот се и остатоците мебел коишто со години скапувале во напуштените простории.
Локалците се навраќаат – често се случува бараки на ова место да горат. Пожарот во „Треска“ го нарекуваат „традиционален“. Слушнале пукотници уште веднаш штом започнало да гори и се исплашиле за својот имот во непосредна близина.
Индициите на надлежните се дека некој го подметнал пожарот. И скопската градоначалничка и првиот човек на Центар ја пофалија брзата интервенција на пожарникарите. Тие беа 55 на број, први во пламенот и чадот. Последни излегоа од зафатените хали за да кажат дека пожарот е целосно локализиран.
Сега останува на екипите да го расчистат теренот и да ги исфрлат стопените остатоци од земјиштето каде што беснееше пожарот.
Полицијата исто така беше на терен заедно со пожарникарите и цел кризен штаб на Центар. Првичната слика е нотирана, а во следните денови обвинителите ќе бараат одговори – кој и зошто го подметнал пожарот на оваа локација која инаку е исклучително атрактивна за големите градежници.
Петар Догов