Кај министерот за образование отидоа со оптимизам, а на излегување немаа добри вести. Штрајкот на СОНК продолжува од утре, поради тоа што на средбата кај министерот Шаќири не им бил понуден конкретен предлог за зголемување на платите, зашто ни министерот не знаел колку може да понуди.
Штрајкот продолжува и во наредните денови, од причина што немаме конкретно ветување дека зголемувањето на платите ќе биде во висина на некој процент. Немаме добиено никаков предлог и од таа причина не можеме за сума да зборуваме, рече Неделков.
На средбата повеќе се зборувало за продолжување на наставата и за надокнадување на часовите од страна на учениците.
Двете страни имаме ист став, исто мислење дека преговорите мора да се интензивираат што побргу да се најде заемно решение за децата да одат на училиште и да се одвива редовна настава, рече Неделков.
Но, за тоа да се оствари од СОНК очекуваат деновиве да добијат конкретен предлог за зголемување на платите, кој треба да биде прифатен и изгласан од членството.
Оптимизмот на СОНК се темелеше на изјавата на министерот за образование дека ќе се пренамени дел од буџетот на МОН за зголемување на платите на наставниците. Но, по средбата со претставниците од СОНК, од МОН ја пренесоа изјавата на министерот од средбата со синдикатот дека приоритет мора да биде враќањето на учениците на училиште, зашто во спротивно ќе се пролонгира учебната година, полагањето на матурата и уписите во средните училишта и на факултетите.
Министерот рече дека секој нереализиран наставен ден поради штрајкот , значи продолжување на на наставната година по 9 јуни, имајќи предвид дека законските прописи не дозволуваат намалување на наставните проглами во вакви околности, соопштија од мон.
Поради штрајкот на СОНК, настава нема во училиштата, а децата со градинките само се згрижуваат. Синдикатот е во штрајк поради неприфатените барања од владата за пораст на платите на наставниците од 18, 4%, согласно зголемувањето на минималната плата и потпишаниот Колективен договор.
Сотир Трајков