„Поранешниот премиер Никола Груевски нема никаква врска со плацевите на Водно“. Ова го тврди бизнисменот Орце Камчев во февруари 21-ва, една година пред сведочењето дека вистинскиот сопственик е „бегалецот во Будимпешта“ и дека сите други актери само помагале ова да се прикрие.
Камчев го уверува Груевски дека нема да го инволвира во овој случај.
На последното рочиште од предметот Плацеви на Водно што се одржа во петокот, одбраната на Груевски ги приложила транскриптите и цедеата со овие телефонски разговори во судот. Сега Судот треба да се произнесе дали ќе ги прифати како доказ. Изминатиот месец, по сведочењата на кумот на Груевски Ристо Новачевски и на адвокатот Ненад Јосифовиќ, и бизнисменот Камчев даде исказ дека неговата „Орка“ учествувала во зделките со Сирах Инженеринг за да се прикрие вистинскиот сопственик на плацевите, кои Груевски потоа ги заменил за три апартмани со квадратура од 750 метри во зградата Панорама резиденс. Контактот го остварила сестра му Кристина Камчева.
Кривичното дело во предметот „Плацеви на Водно“ е перење пари. Обвинителката Лиле Стефанова настојува да докаже дека Груевски, злоупотребувајќи ги парите од партиската членарина, купува имот за 1,2 милиони евра. Во неколкугодишната постапка на „перењето пари“ и прикривање на сопственоста, му помагале бизнисменот Камчев, неговата мајка Ратка, кумот Новачевски, адвокатот Јосифовиќ и братучедот Сашо Мијалков. Сите освен екс директорот на УБК тврдат дека налозите ги давал Груевски. Процесот е при крај и по изведувањето докази, следуваат завршни зборови, по што треба да се очекува и пресуда.
Соња Николовска