Научници од Јапонија почнаа да ја анализираат мумифицираната „сирена“ стара 300 години, која со векови била предмет на обожавање поради нејзините наводни лековити својства.
Тие рекоа дека најверојатно станува збор за остатоци од торзо на мајмун на кој била сошиена рибна опашка и на која се чини дека биле додадени човечки нокти и коса.
Хироши Киношита, член на одборот на фолклорното друштво Окајама, ја пронашол оваа мумија „сирена“ долга околу 30,5 сантиметри во храм во префектурата Окајама. Првпат дознал за неа кога ја видел нејзината фотографија во локалното издание на Енциклопедија на митски суштества.
Во хартијата во кутијата во која се наоѓа мумијата стои дека во периодот од 1736 до 1741 година ја уловил рибар, а потоа ја продал на богато семејство. Се уште не е познато како мумијата завршила во храмот.
Киношита ги убедил свештениците да им дозволат на научниците да ја анализираат мумијата, по што палеонтологот Такафуми Като од Универзитетот за наука и уметност Курашики и неговите колеги тргнале да ги истражат овие необични остатоци.
Направиле КТ мумија на 2 февруари, а наскоро ќе направат ДНК анализа за да потврдат од кои делови е направена, пишува Live Science.