Вести Економија Македонија Најважни

Регулаторна ги извиси трговците со нафтени деривати – не го исполни ветувањето дека ќе ја врати маржата

Од полноќ стапуваат на сила нови цени на горивата откако Собранието синоќа ги усвои измените на законите за ДДВ и за акцизите. Регулаторната комисија за енергетика утрово експресно го имплементираше намалувањето на ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти, но и намалувањето на акцизата на горивата од 1,2 денари.

Со измените, новата цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе биде 86,50 денари за литар, на ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе биде 88,50 денари, дизел горивото ќе се продава за 88 денари, маслото за греење или екстра лесното за 83,5 денари, а мазутот за 60,9 денари.

Но во намалувањето на цената на горивата процентуално најголем товар во моментов го сносат трговците со горива со оглед дека Регулаторната комисија во четврток им ја намали маржата, односно добивката од продажбата за 33 проценти или изразено во денари, од 4,5 денари на 3 денари.

Само за споредба, акцизата, односно приходот, од која се откажа државата од горивата е само 1,2 денари од акцизата на бензинот кој изнесува 22 денари и за дизелот која е 15,5 денари или процентуално, приходот од кој се откажа државата од бензинот е 5,4 проценти, а за дизелот 7,7 проценти.

Ако на ова се додаде и 8 проценти намалување на ДДВ за горивата, државата процентуално не се откажува ни половина од она што им го намали на приватните компании.

Од Регулаторната комисија која пред само два дена намалувањето на маржата за 33 проценти за трговците со деривати соопшти дека е времена мерка се до носење на законите за намалување на ДДВ-то и за акцизите за горивата, но и зависно од движењето на цените на светските берзи, денеска со имплементирање на намалените акцизи и ДДВ за горивата, не ги врати маржите и ги остави трговците со деривати да го носат најголемиот товар од намалувањето на цената.

Телма побара одговор од Регулаторна зошто тоа не е направено и кога ќе се случи.

„РКЕ ги следи берзанските движења и на дневно ниво се прават анализи како истите се рефлектираат во крајната цена. Доколку продолжи трендот на намалување на цените на берзите, кои нема да предизвикаат ценовни шокови кај потрошувачите, РКЕ ќе донесе одлука што ќе се однесува за висината на маржата“, тврдат од Регулаторната комисија за енергетика.

Министерот за економија, Крешник Бектеши не смета дека намалувањето на цената на горивата се крши на грбот на трговците. На прашањето:

-Ја намаливте акцизата на горивата за 1,2 денари, додека маржата на трговците е намалена за 1,5 денари. Како очекувате трговците на нафтни деривати да бидат солидарни кога всушност државата не се откажува од заработката од продажбата на горивата?

Тој одговори:

„Не е 1,2, е до 4 денари имајќи в предвид дека за нафтата е 15,5 денари акцизата. Дополнително на тоа е намалено и ДДВ-то од 18 на 10 проценти, согласно методологијата која се применува во нашата држава каде штос е земаат во предвид просечната берзанска цена на последните пет дена. Од понеделник, вторник и среда дополнително ќе има намалување. Трговците на нафтни деривати се заштитени затоа што на нивно барање веќе не се утврдува цена на неделно ниво, се утврдува цена на дневно ниво. во вакви економски кризи цело стопанство треба да се солидаризира“, изјави Бектеши.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, пак со став дека уделот на државата во намалувањето на цената на горивата е поголем од тој што го трпат трговците со горива.

„Можам да ви кажам дека од тоа што знам, сигурно дека намалувањето на цената на дериватите во однос на намалено ДДВ и намалена акциза е повеќе од тоа што е вкупната маржа според методологијата“, изјави Бесими.

Инаку освен откажувањето од 33% од приходот од продажбата на горива трговците со горива негативно ќе ја почувстуваат и мерката за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти. Од намалување на акцизите и ДДВ-то ефект ќе почувствуваат граѓаните, но не и компаниите на кои оваа ставка им е повратна категорија. Придобивката за нив ќе биде само околу 1 денар или колку што изнесува сега намалената акциза за нафтените деривати.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почнува националната еко акција „Генералка викенд“

Дејан Дејан

Трамп: Изборот на американски папа е „голема чест“ за САД

Дејан Дејан

УНИЦЕФ: „65 до 70 проценти“ од целиот водоводен систем на Газа е оштетен

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе