Светските берзи од утринава во шок по почетокот на руската воена акција во Украина. Вредноста на акциите драматично падна. Затоа пак растат цените на нафтата, гасот, златото, металите. Од утринава владее страв дека ќе се наруши снабдувањето со енергенси во Европа. Прогнозите на светските економисти се дека ако санкциите кон Русија се продлабочуваат – глобалната економија би можела да доживее голема криза.
- Најстрогите санкции, како што е исклучувањето на Русија од глобалниот систем за плаќање SWIFT или исклучувањето на руските банки од глобалните финансиски пазари, би го загрозиле извозот на енергија на Русија во Европа, а исто така и другиот извоз каде што Русија е значаен снабдувач, како што се индустриските материјали како никелот, бакар, итн. – Крис Вифер, аналитичар за ризик и шеф на инвестициската консултантска фирма Macro-Advisory со седиште во Москва.
Аналитичарите предупредуваат на опасност од рапидно зголемување на инфлацијата и можна рецесија.
- Инфлацијата рапидно ќе се зголеми, но централните банки нема да се мешаат бидејќи економијата сега има најголем приоритет. Не може да се исклучи рецесија, барем мала, но имаме среќа што поради намалувањето на омикронот, светската трговија да се опоравува. Она што е важно од кинеска гледна очка, тие не сакаат да им се стопира економијата, тие сепак сакаат да бидат во бизнис со Америка нивниот најголем трговски партнер. Путин ќе биде губитник на долг рок, само тој тоа сè уште не го знае- Роберт Халвер, економски аналитичар.
Цената на нафтата се зголемила на над 100 долари за барел, првпат од септември 2014 година. На максимум е и цената на суровата американска нафта – 97,40 долари. Берзанската цена пак на гасот во Европа порасна за 35 насто и надмина 1.400 долари за илјада кубни метри. Вредноста на биткоинот пак паѓа. Нагло пораснаа и цените на пченицата на светските берзи, го достигнаа највисоко ниво од 2012 година. Поскапеа и голем број суровини што се извоз од Русија.. Руската рубља пак, го достигна минимумот во однос на доларот. Интервенираше Руската Централна банка да ја „стабилизира ситуацијата“.
Александра Филиповска