Синдикатот за култура и министерката Костадиновска Стојчевска се договорија во најкус рок да се исплатат јануарски плати, согласно законските измени, за недела неработен ден. Министерката за култура призна дека од страна на министерството бил направен пропуст во однос на организацијата, финансиските последици кои произлегле од новиот закон, ненавременото добивање согласност од Министерството за финансии и ненавремената реорганизација и оптимизација на кадарот што треба да работи во недела. Но, побара и од директорите на културните установи да достават корекции на платите.
„Постигнавме договор сетоа тоа да се надмине во најкус можен рок. Морам да речам, можеби и во текот на денешниот ден онаму каде што има потреба да се направи корекција на плати, ќе се направи се до наредно добивање на документ. Односно, изработка на еден план за реорганизација на институциите и за оптимално искористување на човечкиот кадар и на парите што се на располагање“ – изјави Бисера Костадиновска Стојчевска – министерка за култура
Од Синдикатот за култура излегоа задоволни од средбата и најавија дека неделава министерката ќе се сретне и со други вработени во установите од културата.
„Наидовме на разбирање и отворен дијалог со новата министерка за култура. И се надеваме дека ќе ја обновиме досегашната соработка, што ја немавме во минатото.Организиравме еден отворен дијалог со министерката кој што ќе се случи оваа недела меѓу претставници на вработени во културата и новата министерка, каде што таа ќе им ги објасни, посочи ситуациите со кои се соочува културата“ – изјави Вера Атанасовска- в.д. претседател на Синдикат за култура на РМ
На средбата станало збор и за потребата од вклучување на Синдикатот за култура во обновувањето на Колективниот договор, за формирањето работна група за Законот за култура , но и за класификација на работните места.
Сотир Трајков