Кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва во Скопје го одржа првиот тренинг пред заминувањето за Тбилиси каде в четврток ќе го одиграме квалификацискиот натпревар за пласман на Светското првенство.
Како и на претходните мечеви селекторот на националниот тим Драган Бајиќ нема да може да смета на повеќе кошаркари кои поради повреди го откажаа настапот во репрезентацијата или ќе бидат подготвени за настап на вториот дуел со Грузијците што ќе се одигра в недела во Скопје.
“Немаме среќа барем еднаш да се собереме сите заедно и да видиме сите каква ни е моќта. Секако, јас како тренер нема да барам алиби за резултатите, што и да биде јас ја преземам одговорноста за се, но жал ми е за момците затоа што еднаш не можеме да сме сите заедно и да градиме еден хомоген тим. Навистина не сакам да ги набројувам сите проблеми кои ги имаме. Од првиот ден откако дојдов тука имам желба за работа, но едноставно имаме страшни проблеми од циклус во циклус кога е ростерот во прашање”, истакна селекторот Бајиќ.
Поради сите проблеми со кои се соочува Бајиќ е принуден да им даде шанса на неколку помлади кошаркари, но и со ваков подмладен состав ќе се обидеме да направиме изненадување.
“Верувам дека на сите млади кошаркари им значи повикот во Македонија, дека им значат овие тренинзи, а уште ако бидат во тимот тоа сигурно ќе биде уште поголема мотивација. Патуваме во Грузија без еден сериозен тренинг и тешко е за мене како тренер да го извлечам најдоброто од сите”, заврши Бајиќ.
ФОТО: Игор Паневски